Авганистан

Талибанците ветуваат безбедност за аеродромот во Кабул

26.08.2021 10:10

Талибанците ветија дека ќе обезбедат безбедност надвор од аеродромот во Кабул, но разузнавачките извештаи за непосредна закана од милитантите на Исламската држава го покажуваат спротивното, изјави анонимен дипломат на НАТО во главниот град на Авганистан.

Талибанците ветија дека ќе обезбедат безбедност надвор од аеродромот во Кабул, но разузнавачките извештаи за непосредна закана од милитантите на Исламската држава го покажуваат спротивното, изјави анонимен дипломат на НАТО во главниот град на Авганистан. Понатаму изјавил дека западните сили, под никакви околности, не сакаат да почнат напад против никого во Авганистан, туку дека целта е да се обезбеди крај на евакуацијата на 31 август.

„31 август беше датум произволно одреден без никакво размислување, но Талибанците го отежнуваат повлекувањето. Десетици илјади Авганистанци нема да можат безбедно да заминат“, изјави Мизгон Захир Дарби, активист на Авганистанско- американската заедница.

Илјадници луѓе кои очајно ја напуштаат земјата се собрани пред портите на аеродромот. Според генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, заканата од терористички напад врз аеродромот во Кабул се зголемува секој ден. Рече дека во Кабул се одвива една од најголемите операции за евакуација во историјата.

Талибанците инсистираат САД да го исполнат тој рок, со што се зголеми притисокот врз многу земји да евакуираат што е можно повеќе луѓе од аеродромот во Кабул во наредните денови. Австралија ги предупредува своите граѓани да го избегнуваат аеродромот во Кабул.

„Авганистан, а особено Кабул и натаму е многу опасна средина. Како што очекувавме, таа опасност, тие ризици се зголемуваат секој ден. Токму затоа брзаме со операциите. Во текот на ноќта, околу 1.200 луѓе беа евакуирани од Кабул, на шест австралиски летови и еден лет за Нов Зеланд. Евакуирани се Австралијци, Авганистанци и други државјани“, изјави Скот Морисон, премиер на Австралија.

Aмерикански конгресмени во тајна посета на Кабул

Двајца конгресмени ненајавено отпатувале во Кабул за да извршат увид во напорите на американската војска за евакуација на Американците и останатите од Авганистан. Според информациите, посетата била тајна со цел да се минимизира ризикот и последиците за луѓето таму.

Авганистански жени, кои избегаа, велат дека ќе се соочеле со опасност доколку останеле во матичната земја. Таџикистан им нуди поддршка на бегалците.

„Многупати добивав закани од ултраконзервативците, бидејќи сум активист за женски права и спортистка. Освојував медали за Авганистан на спортски натпревари во странство.“

„Непознати вооружени лица сакаа да ме принудат да се омажам за нив“- сведочат жени од Авганистан.

Во режимот на талибанците, кој заврши во 2001 година, правата на жените беа брутално ограничени. Талибанските лидери овој пат ветуваат поумерен пристап.

 

Марина Ристова