Спој на модерната уметност со античкиот свет

Изложба на Петар Хаџи Бошков во археолошкиот локалитет „Стоби“

26.08.2021 10:48

Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.

На 18 септември во 18 часот, на античкиот локалитет „Стоби“ ќе биде отворена голема изложба на дела од реномираниот македонски скулптор Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015). Проектот е насловен „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.

Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.

Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, ќе бидат позајмени и директно од ателјето ќе бидат пренесени на локалитетот Стоби. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ.

Иницијативата за реализација на овој проект е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет „Стоби“, чиешто настојување, меѓу другото, е и да го заживее локалитетот во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“.

Петар Хаџи Бошков е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век.