МНР засега одобри прием на 750 Авганистанци, неизвесно е кога ќе пристигнат во земјава
Сѐ уште нема најава кога ќе пристигнат бегалците од Авганистан во земјава. Шефот на дипломатијата Османи, вели дека на списокот на МНР се 750 лица, иако од владата рекоа дека се подготвени да згрижат 780. МВР задолжено за безбедносна проверка на Авганистанците...

Неизвесно е кога ќе пристигнат Авганистанците во земјава поради променливата ситуација на аеродромот во Кабул. Засега МНР одобрило прием на 750 Авганистанци, од најавените од владата 780, на кои државата ќе им издаде привремени визи за престој од 90 дена. Шефот на дипломатијата вели дека најмногу се жени и деца, соработници на САД, на НАТО, невладините и меѓународните организации на кои им е загрозен животот во Авганистан.
За сите Авганистанци кои ќе бидат прифатени во земјава, МВР врши безбедносна проценка и нема да дозволи загрозување на безбедноста во земјава, вели министерот за внатрешни работи. Според Спасовски, поголема опасност има од странските борци кои се вратија дома отколку од Авганистанците. По проверката ќе се разгледа нивното движење надвор од хотелите во Скопје кадешто според најавите ќе бидат сместени најголем број.
Од Владата најавија дека земјава има капацитет за прифаќање на околу 1.800 Авганистанци. Според премиерот Заев, земјава ги прифаќа како знак на солидарност и ќе обезбеди нивно згрижување за што како што вели ќе се потрошат 74 илјади денари, додека сместувањето во хотелите и трошоците за транспорт се на странски држави и организации.
Ирина Гелевска
