Ковид-19

Повторно отворен пунктот во „Борис Трајковски“ за побрза имунизација на населението

26.08.2021 16:04

Малата сала на А1 арена, спортски центар „Борис Трајковски“, стана вакцинален пункт. Има 20 соби за имунизација. Се врши без закажан термин. Од Министерството за здравство информираат дека досега се вакцинирале над 695 илјади граѓани и велат дека единствениот начин да се победи пандемијата е вакцинацијата...

Вакцини на производителите „Фајзер“, „Астра Зенека“ и „Синовак“ се аплицираат во малата сала во спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој повторно стана вакцинален центар. Активирањето на пунктот се должи на зголемениот интерес на граѓаните да се вакцинираат, откако бројките на новозаболени пораснаа во налетот на четвртиот бран.

Целосно се имунизирани 510 илјади граѓани, а дневно се аплицираат околу 14 илјади вакцини. Дали ќе се дава и трета доза и од кој производител, ќе се знае откако ќе завршат анализите на искуствата и согледаат препораките на докторите. До тогаш – апелот на министерството останува, само со масовна вакцинација може да се спречат тешки форми на болеста и смрт и да се помогне кон формирање на колективен имунитет.

Последните податоци покажуваат дека постепено опаѓа бројот на новозаболени, иако како што рече Филипче, рано е да се зборува за некаков тренд.

Останува можноста, пациенти од внатрешноста на кои им е потребна хоспитализација да се транспортираат во болницата во Козле, каде што ротира тим на лекари специјалисти, инфектолози и пулмолози.

Анита Димитријевска Велковска