Здравство

Активни над 13 илјади случаи со Ковид-19

27.08.2021 09:12

Министерот за здравство Филипче вели дека охрабруваат новите бројки на дијагностицирани во смисла на тоа дека опаѓаат, но премногу е рано да се каже дека ова е некаков тренд. Посочи дека единствен начин за победа на пандемијата е вакцинацијата...

Повторно висок број на починати како последица на Ковид-19. Битката со вирусот ја загубија 26 лица. Од направени 5.982 тестирања, регистрирани се 1.082 нови случаи на Ковид-19, односно 18 насто од тестовите биле позитивни. Регистрирани сe 492 оздравени пациенти. Од почетокот на епидемијата починаа 5.782 лица, а бројот на активни случаи надмина 13 илјади.

Министерот за здравство Филипче вели дека охрабруваат новите бројки на дијагностицирани во смисла на тоа дека опаѓаат, но премногу е рано да се каже дека ова е некаков тренд. Посочи дека единствен начин за победа на пандемијата е вакцинацијата. Апел до младите да се имунизираат, но и до родителите кои имаат деца што ќе одат на училиште, за безбедна учебна година.

Болниците во Тетово, во Гостивар, во Струга и во Кичево сè уште се преполни со пациенти со Ковид-19. И вчера таму беа забележани повеќе нови случаи во однос на другите градови. Но, и повеќе починати. Од новозаразените 1.082, од Тетово се 87, од Гостивар – 72, Кичево – 57, а во Скопје – 406. Од 27-те починати, шест се од Тетово, пет од Гостивар, три од Кичево. Тројцата починати од Кичево се на возраст 48, 46 и 45 години.

Одговорните за здравство смируваат. Тие сметаат дека во полошкиот регион веќе е достигнат пикот и сега ситуацијата ќе почне да се смирува.

Од вчера почна со работа и пунктот за вакцинација во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“. Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат може да го направат тоа без закажан термин. Во останатите поликлиники во Скопје и во сите други пунктови низ државата продолжува да се одвива вакцинацијата и ревакцинацијата на граѓаните.