Сервер: САД да ја притиснат Грција за спорот со името

26.03.2014 17:15

„Само доколку Вашингтон јасно и стави до знаење на Грција дека Македонија и Црна Гора треба да влезаат во НАТО на самитот, кој ќе се одржи во Британија есенва, со разбирање дека за приемот во ЕУ ќе мора да се најде прифатливо решение на спорот, има шанси за почеток на излезот од спорот за името“, оценува американсиот професор и поранешен пратеник на Балканот, Даниел Сервер.

Според Сервер, кризата во Украина е причина повеќе зошто проширувањето на НАТО мора да се деблокира на самитот во Британија, но за тоа ќе биде неопходен сериозен ангажман на САД, пренесува МИА.

„Важно е да и се прати порака на Русија дека НАТО се проширува кога сака и каде сака, без да води сметка за противењето на Русија“ додава Сервер.

Сметам дека Вашингтон треба да сигнализира дека е подготвен да ги запре разговоите под покровителство на Обединетите нации, од кои досега не произлезе ништо, и да и каже на Грција дека Македонија наесен ќе стане членка на НАТО, заедно со Црна Гора. Украинската криза ја прави оваа ситуација поургентна.

Црна Гора и Македонија не носат големи ризици за Алијансата, дури ќе донесат повеќе корист отколку товар, вели Сервер во неговото предавање за Македонија за студентите на приштинскиот колеџ ИСПЕ.

Според него, ако американскиот претседател ова јасно и го каже на грчката страна, ова ќе се случи, а во исто време Брисел мора да му каже на Скопје дека се уште мора да се постигне решение за спорот за членство во Европската Унија.

Тој додава дека има придвижување во САД поради кризата во Украина, но се уште нема поддршка за упатување на ваква дефинитивна порака до Грција, за прием на Македонија во НАТО есенва, согласно грчката обврска од Времената спогодба, и за напуштање на актуелниот став дека мора да се постигне договор со Грција пред приемот во НАТО.