Мехмедовиќ: Сѐ уште е рано да се видат ефектите од владините мерки
Дел од лекарите сметаат дека сѐ уште е рано да се видат ефектите од владините мерки. Доктор Мехмедовиќ од Здравствениот дом- Скопје вели дека наставата со физичко присуство може да ја зголеми трансмисијата меѓу помладата популација и дека во моментов нема потврда оти пикот на четвртиот бран од вирусот е зад нас...

Иако по некои симптоми се совпаѓа и со сезонската настинка, сепак Делта сојот на корона вирусот може да доведе до нагло влошување на клиничката слика и тешки компликации на белите дробови и пневмонија, вели доктор Мехмедовиќ. Затоа, според него клучно е инфекцијата да се открие на време за да се избегне смртен исход. Негативен брз антигенски тест, а истовремено и симптоми на болеста- не значи дека немате ковид, вели лекарот.
Мехмедовиќ оценува дека е рано да се зборува за ефектите од владините мерки во услови кога бројките на новозаболени се сѐ уште високи. Наставата со физичко присуство, според него може да доведе до поголема трансмисија на вирусот.
Анализата на Mминистерството за здравство покажала дека во изминатите 10 дена од 17 илјади и 20 граѓани позитивни на ковид, само 17 насто биле целосно вакцинирани. Од оние пак кои биле хоспитализирани, дури 89 биле невакцинирани, а 11 проценти примиле две дози од вакцините.
Анита Димитријевска Велковска
