Здравство

Состојбата со Ковид-19 во Охрид станува алармантна

27.08.2021 15:31

Масовните собирања на концерти и други водови забави без користење на заштитни маски се главната причина за зголемениот број на заразени и заболени лица од Ковид-19 во Охрид. Ковид болницата е исполнета, но состојбата ќе беше далеку посериозна доколку градот не беше во групата со висока опфатеност на вакцинирани лица...

Епидемиолошката состојба во Охрид според оценките на лекарите е веќе алармантна. Во изминатите 14 дена се регистрирани 169 заразени лица со ковид 19 од кои 42 се хоспитализирани во ковид болницата, а од нив 22 пациенти се на кислородна подршка. Единствено што охрабрува е податокот што околу 50 проценти од граѓаните се имунизирани што придонесе капацитетите на Општата болница да не бидат преполни како во некои други македонски градови.

„Интересот на охриѓани се зголеми по најавувањето на рестриктивните мерки и во голема мера граѓаните веќе доаѓаат пред вакциналниот пункт. Имавме и метеж , тоа беше пред две недели а сега гледаме дека метежот веќе се намали. Во тој период имавме на дневна основа по 700, 600 вакцинации и ревакцинации за оваа недела веќе се намали тој број на 400 дневно“, вели д-р Соња Мариноска - начакник на Службата за превентива на деца и младинци.

Иако интересот за вакцинација е се уште голем, времето на чекање е најмногу триесеттина минути.

„Околу 5 до 10 минути, а ако е повеќе гужва- во утринските часови имаме и повеќе гужва, термини имаат тие што примаат втора доза, тогаш се чека по 20, 25 минути, не повеќе од тоа“, вели Камелија Николова- Црвен Крст Охрид.

За зголемениот број на заразени и хоспитализирани лица според лекарите најголема причина биле масовните собирања на концерти и други забави без притоа да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Како проблем се посочува и продажбата на тестови во аптеките при што лицата кои што се позитивни доколку не им се влоши состојбата слободно се движат и ја шират заразата. Поради тоа медицинските лица апелираат да прекине таквата пракса особено кај младите кои на тој начин ги загрозуваат животите на своите најблиски.

 

Сашо Нелоски