Ковид-19

Куманово: Бројките на заразени растат, фестивалите продолжуваат

29.08.2021 12:42

Бројките на заболени од Ковид- 19 во Куманово растат. Во болницата хоспитализирани се 71 граѓанин од североистокот. Но и покрај актуелната здравствена состојба, на градскиот плоштад во најголемата општина во државата, деновиве се одржаа традиционалните фестивали, Тумба фест, Рома труба фест, Тамбурашки фестивал, Меѓународен фолклорен фестивал. Во првите редови се пуштаа само вакцинираните.

Во Куманово како и во повеќето градови во земјава растат бројките на новозаболени од Ковид- 19. Во модуларната болница и на инфективниот оддел хоспитализирани  се 71 лице. Во дневната болница се лекуваат 52 граѓани од североистокот. Повеќето од заболените не се вакцинирани. Надлежните од општата болница информираат дека засега располагаат со доволен број места, но доколку продолжи трендот на зголемување на бројките на позитивни случаи, ќе мора да отворат уште еден оддел.

И покрај ваквата здравствена состојба, на градскиот плоштад во Куманово изминатава седмица се одржаа низа фестивали. Тамбурашки фестивал, Тумба фест, Рома труба фест, меѓународен фолклорен фестивал се манифестациите на кои настапија познати естрадни уметници и оркестри од земјава, но и соседна Србија. За неколку дена е најавен и кумановскиот џез фестивал. Настаните се одржаа согласно протоколите за заштита од вирусот. Оние кои сакаа да присуствуваат во првите редови задолжително требаше да приложат потврда за вакцина, најмалку прва доза или потврдат за прележан Ковид- 19 во последните 45 дена. За повеќето кумановци одржувањето на ваквите фестивали во пандемија е нелогично.

„Нешто имаше протоколи имаше дежурни редари но 100 проценти не се почитуваа, не е дозволиво, ризично е, присуствував но бев на дистанца од другите, сепак кога има повеќе народ поблизу кога се е тоа опасно“- вели еден кумановец.

„Според она што го кажува Филипче не е исправно, но сега народот не можеме да го убедиме, имаше многу но ние не излегуваме, бидејќи сме постари“- истакна друг кумановец.

„Не е исправно тоа, народот не треба да се собира, да биде близу, треба дистанца, јас избегнувам масовни собири“- вели еден граѓанин.

„Властите знаат дали е исправно или не, јас бев од далеку, немаше метеж, не е како порано што беше“- дополнува друг.

Бројката на активни случаи во Куманово во моментов е над 900.

 

Елена Георгиевска