Пелистер лидер по 24-то коло
Пелистер славеше со 3:1 на гости кај Напредок, со головите на Воденичаров (38 и 52 минута) и на Љамчевски (68). Балази го ублажи поразот во 88-таминута. Турново загуби кај Брегалница, голот вреден 3 бода го постигна Наумов во 35-та минута. Пелистер нанижа три победи, Турново загуби по два триумфа.

Битолчани го искористија киксот на Турново и останаа сами на врвот. Вардар и натаму тоне, нема победа на 4 средби во серија.
Шампионот ремизира кај Македонија ЃП, во меч во кој што Петров го отвори резултатот за рекордно брзо време во нашииот фудбал, во 9-та секунда за 0:1. Следуваа уште два гола во првите 6 минути, за 0:2 на Асани во 4-та и за 1:2 на Адем во 6-та минута. Најдовски доби црвен за домаќините во 20-та, но Македонија успеа да изедначи во 39-та минута преку Јанчевски.
Шкендија славеше против Работнички со 3:1, Гостивар беше торпедиран од Металург со 1:5, Ренова и Еуромилк играат утре од 15 часот.
На табелата води Пелистер со 44 бода, пред Турново и Работнички со по 41. Металург има 40, а Вардар има 39. Следуваат Шкендија (33), Брегалница (32), Ренова (31) и Еуромилк (30), односно Македонија (23) и на дното Напредок и Гостивар со по 14 бода.
