Свет

Американската армија се повлече од Авганистан по 20 години

31.08.2021 12:20

По речиси 20 години Вашингтон прогласи крај на воената мисија и почеток на ново поглавје во американскиот ангажман во земјата. Итната евакуација беше завршена ден пред крајниот рок утврден од американскиот претседател Бајден.

Генерал мајор Крис Донахи е последниот војник на САД кој го напушти Авганистан. По речиси 20 години Вашингтон прогласи крај на воената мисија и почеток на ново поглавје во американскиот ангажман во земјата. Итната евакуација беше завршена ден пред крајниот рок утврден од американскиот претседател Бајден.

„Ова беше огромен воен, дипломатски и хуманитарен потфат. Еден од најтешките во историјата на нашата нација. Нашите војници го напуштија Авганистан. Воената мисија заврши, нова дипломатска мисија има во Доха, Катар. Остануваме фокусирани на антитероризам“, нагласи американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Според Белата куќа, помалку од 200 Американци и натаму се во Авганистан, но САД влoжува напори за нивно евакуирање.

Во Кабул славенички истрели. Талибанците ветија амнестија, безбедност и повторно отворање н аеродоромот. Им порачаа на жителите да не се грижат. Оние што сакаат да заминат тоа треба да го сторат на легитимен начин.

„И честитам на целата нација затоа што ја постигнавме нашата независност и ги натеравме американците да заминат. Даваме целосни гаранции за секого, никој не смее да биде загрижен, Исламскиот емират е тука да обезбеди сигурност и достоинството. Банките и економијата ќе профункционираат, земјата ќе преземе чекори кон просперитет, далеку од војна и несигурност, луѓето ќе се вратат во својот нормален живот“, рече Забихула Муџахид-портпарол на Талибанците.

Реакции по повлекувањето на САД од Авганистан пристигнаа од речиси сите држави. Шефот на британската дипломатијата вели дека неговата земја евакуирала повеќе од 17.000 луѓе од Авганистан, вклучително и над 5.000 државјани на Велика Британија.

„Велика Британија треба да се соочи со „новата реалност“ во Авганистан и да работи со други нации за да оствари „умерено влијание“ врз Талибанците. Обединетото Кралство ќе ги држи Талибанците на ветувањето за безбеедност за оние кои сакаат да заминат“, изјави Доменик Раб- министер за надворешни работи на Велика Британија.

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел на итна седница со резолуција за спречување на неконтролираната миграција од Авганистан. Според медиумите, нацрт документот треба да спречи хаотичен прилив на бегалци како во 2015 година.

 

Маријана Димовска