Здравство

Се намалува бројот на заболени, ситуацијата со Ковид-19 се стабилизира

31.08.2021 14:01

Ситуацијата со Ковид-19 почнува да се стабилизира, а факторот на преносливост на вирусот веќе е намален под единица. Засега нема нови рестриктивни мерки, вели министерот за здравство Венко Филипче. Сите анализи укажуваат дека училишната година треба да почне со физичко присуство...

Опаѓа бројот на заболени. Министерот Филипче појаснува дека ситуацијата се стабилизира, а факторот на преносливост на вирусот веќе е намален под единица. Најкритично е во болниците во Тетово и во Гостивар, отворени се ковид- центрите на интерните клиники во Скопје. Засега нема нови рестриктивни мерки.

Одлуката на ЕУ да ја стави Македонија на црвената листа на небезбедни земји, според Филипче е поттик за да се вакцинираме.

„Од искуството од претходните бранови, секогаш во период од една денела до десет дена, најпрво предничи Р0 факторот во падот, па понатаму следат и другите бројки. Согласно претходното искуство, може да очекуваме овој пад на новодијагностицирани пациенти да продолжи и понатаму. Денеска имаме околу 880 нови случаи“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Според министерот, сите анализи укажуваат дека училишната година треба да почне со физичко присуство. Додаде дека единствениот начин да им се помогне на децата е да се вакцинираат возрасните.

Тестирање на деца засега ќе нема, но се можни брзи тестирања, за кои е надлежен епидемиолог. Доколку се појави позитивен случај во училиште, ќе се процени дали паралелката ќе се префрли онлајн или наставата ќе се изведува комбинирано.

52 насто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина, а 28 проценти на возраст од 18 до 39 годишна возраст се вакцинирале барем со една доза вакцина.

 

Алексанра Спировска