Македонија

Истоштени, но благодарни што се безбедни- првата група бегалци од Авганистан пристигна во земјава

31.08.2021 14:48

Пристигна првата група со 149 бегалци од Авганистан. Ќе имаат статус на лица со привремен престој, а потоа треба да заминат во САД или на друга безбедна дестинација. Земјава вкупно треба да прифати 750 беглаци од Авганистан...

Истоштени, но благодарни што се безбедни- е првиот впечаток на Сузана Тунева, секретарот на Црвениот Крст, што синоќа со поголема група волонтери ги пречекаа 149- те цивили од Авганистан, кои слетаа на скопскиот аеродром од Грузија.

Беа префрлени во Хотелот Белви во Скопје, еден од објектите за сместување, што е обезбедуван од македонската полиција. Како што вели Тунева, не е лесно да се остави домот и да се појде во неизвесност. Затоа, Црвениот Крст и во наредните денови ќе презема повеќе активности при нивното сместување и полесно приспособување.

„Работиме на активности, формираме детско катче во самиот хотел, како и информативно катче, поставуваме компјутери, лап топи како тие лица би можеле да остварат контакти со свои блиски, како и да можат да го решаваат нивниот понатамошен статус, секако дополнителни хигиенски средства, облека, обувки. Се очекуваат и резултатите од ПЦР тестот. Групата се состои од 149 лица, но над 50% се под 18 години, тоа е ранлива категорија“, вели Сузана Тунева, секретар на Црвен Крст.

На Авганистанците им беше направена здравствена контрола и ПЦР тестови, дистрибуирани средства за дезинфекција, заштитни маски и упатства за заштита од пандемијата.

Инаку, групата бегалци кои синоќа пристигнаа имаат дозвола за привремен престој, до најмногу три месеци, по што ќе бидат упатани во трети земји.

Цивилите работеа во меѓународни организации, како дел од меѓународната мисија предводена од НАТО и САД.  Во земјава треба да пристигнат уште 600 евакуирани од Авганистан.

 

Марина Стојанова- Тонева