Наставата во средните училишта во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга ќе почне онлајн
Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за онлајн организирање на наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар во траење од 14 дена од почетокот на учебната година, и онлајн настава од првите 7 дена во Кичево и Струга, заради ситуацијата со вирусот во овие општини...

Во средните училишта во Тетово и во Гостивар во наредните две недели наставата ќе се одвива преку интернет. Од далечина ќе учат и учениците во Кичево и во Струга првата недела од стартот на учебната година. Ваква одлука донесе Владата на последната седница по предлог на Комисијата за заразни болести.
Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за онлајн организирање на наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар во траење од 14 дена од почетокот на учебната година, и онлајн настава од првите 7 дена во Кичево и Струга, заради ситуацијата со вирусот во овие општини, по што, откако ќе заврши овој период, ќе се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата, информира владината прес-служба.
На денешната седница, Владата го дополни и протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголемува бројот на деца од 21 на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години.
