Македонија

Новите мерки предизвикаа метеж на Табановце

01.09.2021 12:13

Стапија на сила мерките што ги воведе Владата за влез и излез од земјава. Задолжителен сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид или негативен тест, треба да приложат домашните но и странските државјани. Лицата кои не поседуваат документ ќе заминат во домашен карантин. Новите мерките предизвикаа метеж на Табановце. Граѓаните чекаа повеќе од два часа...

За да влезат или излезат од земјава, домашните, но и странските државјани од денеска треба да приложат сертификат за извршена вакцинација со примени две дози вакцини, потврда за прележан ковид во последните 45 дена, или негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа или негативен брз тест за антигени тела не постар од 48 часа. Овие мерки Владата првично ги донесе за влез во земјава, но на вчерашната седница ги прошири и за излез од државата.

Новите мерки кои од денеска стапија на сила за влез и излез во државата создадоа поголем метеж на граничниот премин Табановце. Дел од граѓаните за Македонската телевизија раскажаа дека чекаат дури и по два ипол часа за да ги предадат документите меѓу кои и сертификатите.

Повеќето од граѓаните кои неколку часа чекаа за влез на Табановце се упатиле кон Грција.

„Два и пол часа чекаме на границата, ги знаеме новите правила носиме сертификат дека сме вакцинирани“, вели еден патник.

„Два часа сме на границата, тргнавме за Грција, ги знаеме правилата имаме документи“, дополнува друг.

„Околу час и половина чекаме, се упативме од Ниш кон Скопје. Не ги знаеме новите услови но носиме сертификати, вакцинирани сме.“

„Два и пол часа чекаме ги знаеме мерките, носиме негативен тест“, велат граѓаните што ги анкетиравме.

Лицата кои не поседуваат сертификат или потврда, согласно новата одлука ќе заминат во задолжителен домашен карантин во траење од седум дена. Времетраењето на карантинот, може да се скрати на пет дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова ќе важи и за домашни и за странски државјани, а трошоците за изолација странските државјани сами ќе си ги покриваат.

Исклучок од мерката се домашните возачи на товарни возила, како и странските возачи на товарни возила кои транзитираат низ земјата. Странските државјани кои ќе транзитираат низ државата ќе можат тоа да го сторат во рок од пет часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излез од земјава.

 

Елена Георгиевска