Кофод: Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите за членство во ЕУ
Данскиот шеф на дипломатијата, Кофод истакна дека земјава заслужува почеток на преговори и се надева дека разговорите со Бугарија ќе донесат решение за остранување на ветото.

Данска ја повтори поддршката за почеток на преговорите со Европската унија, на првата станица од турнејата на Балканот. Данскиот шеф на дипломатијата, Кофод истакна дека земјава заслужува почеток на преговори и се надева дека разговорите со Бугарија ќе донесат решение за остранување на ветото.
„Сметаме дека Северна Македонија е подготвена да почне со преговори за членство и ние за тоа ќе се залагаме. Се надевам дека разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе дадат резултат, но ние сме фокусирани врз европската интеграција и многу е важно да се сфати дека реформите и работата во правец на европска интеграција треба да продолжат. Секако сметаме дека треба да почнат преговорите за членство на Северна Македонија. За нас е многу јасно дека сте подготвени за членство. Се надевам дека подоцна оваа година или што е најрано можно ќе донесеме одлука и се надевам дека сите 27 земји членки на ЕУ, вклучително и Бугарија ќе застанат зад таквата одлука“, порача данскиот министер за надворешни работи, Јепе Кофод.
Министерот на дипломатијата Османи истакна дека тешко е во октомври поради ситуацијата со владата во Софија, да се дојде до решение, но дека ќе се продолжи со работа на реформите и комуникацијата со Бугарија.
