Бајден: Повеќе немавме јасна цел во Авганистан, повлекувањето е успешна мисија
Американскиот претседател Бајден го нарече повлекувањето од Авганистан мудра одлука и „најдоброто за Америка“. Бајден ја презеде одговорноста за овој потег и најави крај на ерата на големи воени операции за обнова на други земји. ЕУ со порака дека ќе спречи масовна нелегална имиграција од Авганистан...

Американскиот претседател Бајден го нарече повлекувањето од авганистан мудра одлука и„најдоброто за Америка“. Рече дека неговиот избор бил „напуштање или ескалирање“ и ја презеде „одговорноста“ за својата одлука. Истакна дека повлекувањето е крај на ерата на големи воени операции за обнова на други земји.
„Повеќе немавме јасна цел во мисијата во Авганистан. Ова е вистинската одлука. Најдобрата одлука за Америка“, изјави Бајден.
Соединетите држави и нивните сојузници евакуираа повеќе од 123.000 странци и Авганистанци надвор од Кабул непосредно пред Талибанците да го заземат главниот град две децении откако беа отстранети од власта со инвазијата предводена од САД во 2001 година.
„Уште од март годинава им се обративме на Американците во Авганистан 19 пати со предупредувања и понуди да им помогнеме да ја напуштат земјата. Откако ја почнавме евакуацијата пред 17 дена, идентификувавме околу 5.000 Американци кои претходно решија да останат во Авганистан, но сега сакаа да си заминат. Нашата операција „Сојузничко спасување“ заврши со извлекување на повеќе од 5.500 Американци“, нагласи Бајден.
Британија е во директни преговори со Талибанците за да осигура „безбеден премин“ за нивните државјани и сојузници кои останаа во Авганистан и по евакуацијата. Јапонија, пак, има намера да побара од Талибанците соработка за евакуација на луѓе од Авганистан.
„Јапонската влада ќе соработува со земји како САД за да ја осигура безбедноста на другите јапонски државјани, локалните вработени и оние кои и помогнаа на Јапонија. Ако сакаат да го напуштат Авганистан од легитимни причини, ние сме подготвени да им помогнеме“, изјави Суга Јошихиде, премиер на Јапонија.
Катарскиот министер за надворешни работи изјави дека Талибанците покажале дека се отворени за предлози за формирање влада.
„Ги охрабруваме другите земји да го задржат ангажманот со Талибанците затоа што веруваме дека без ангажман не можеме да постигнеме вистински развој и вистински напредок на политичкиот или на безбедносниот фронт, или на социоекономскиот фронт за Авганистан“, рече Шеик Мохамед Бин Абдулрахман Ал-Тани, министер за надворешни работи на Катар.
Европската унија ќе се обиде да го запре евентуалниот масовен прилив на мигранти од Авганистан. Унијата не сака да се повтори 2015-та година, кога повеќе од милион луѓе кои избегаа од граѓанската војна во Сирија пристигнаа во Европа. Тоа предизвика внатрешни несогласувања во ЕУ околу начинот на распределба на мигрантите меѓу земјите-членки.
Марина Ристова
