Царовска: Учебната 2021-2022 е година на крупни промени за поквалитетно образование

01.09.2021 12:56

Министерката посочи дека со воведувањето на промените во начинот на реализирање на часовите и наставата, имаме и добро опремени училишта со нагледни средства, со интерактивни табли, таблет компјутери за учениците од социјално ранливите семејства.

Големо е задоволството што после година и половина, денес повторно гледаме полни училишта и училници со ученици и наставници, ја гледаме вообичаената слика на која бевме навикнати пред појавата на пандемијата. Ја започнуваме новата учебна 2021-2022 година со физичко присуство и на самиот почеток на сите ученици им посакувам многу здравје, многу нови знаења, достигнувања и успешно заокружување на уште една етапа од животниот пат- изјави министерката за образование и наука Мила Царовска која денеска заедно со градоначалникот на Велес, Аце Коцевски и претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, по повод започнувањето на учебната година го посетија основното училиште „Панко Брашнарав“.

„Имаме нова Концепција за основно образование, нови наставни програми и современи материјали за учење, печатени за прво и дигитални за четврто одделение, како и изработени на Брајово писмо и во аудио формат за ученици со проблеми со видот и сите тие учебници за прв пат се доставени навремено во училиштата, пред 1 септември“, рече Царовска.

Министерката посочи дека со воведувањето на промените во начинот на реализирање на часовите и наставата, имаме и добро опремени училишта со нагледни средства, со интерактивни табли, таблет компјутери за учениците од социјално ранливите семејства.

„Сé што воведуваме како новина, ќе овозможи да училиштата постепено станат поинтересни места за учениците, каде тие ќе сакаат да престојуваат и каде на еден многу полесен начин ќе ги совладуваат знаењата соодветни на нивната возраст, развивајќи се во личности кои ќе бидат подобро подготвени од генерациите пред нив, што впрочем е и цел на реформите каде што клучна алка всушност ќе бидат наставниците“, рече Царовска.

Претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани ја поздрави владината одлука, наставата да започне со физичко присуство  и посочи дека училиштата се тие што први треба да се отворат и последни да се затворат, бидејќи само учењето во училница ги дава најдобрите резултати.