Во двеста судници идната година ќе може да се суди онлајн
Македонското судство почна да се дигитализира. Идната година во двеста судници ќе има услови за онлајн судења, а очекуваните ефекти се забрзување на постапките, поголема одговорност на судиите и транспарентност во работата на третиот столб на власта. Приоритетно за Министерството за правда е опремување на судницата во затворот Идризово заради намалување на трошоците и олеснување на судењата.

За поефикасно судство, посебно во услови на здравствена криза, дигитализацијата е алатка која освен што ќе обезбеди да нема застој во судењата, ќе значи и поголема одговорност на судиите, отчетност и транспарентност при судењата. Идната година двеста судници во државата ќе бидат целосно опремени за онлајн судења. Дигитализацијата на судниците и обуката на кадарот е започната, а проектот е помогнат од американската и норвешката амбасада, мисијата на ОБСЕ и Европската Унија.
Основниот суд во Кавадарци каде минатата година се одржа првото онлајн судење, предничи во дигитализацијата, додека во останатите судови состојбата е различна.
Дигитализацијата на судството беше една од темите на осмата Меѓународна научна конференција „Општествени промени во глобалниот свет“ во организација на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Славица Величковска
