Пандемија

Тетово: Тричлено семејство почина од Ковид-19 во својот дом

02.09.2021 13:53

Во домашни услови минатата недела починале тројца пациенти од исто семејство од тетовско, кои доцна се јавиле на доктор. Во Полошко, бројките за нијанса се намалуваат, но состојбата со Ковид-19 сè уште ризична. Заразата во општините Маврово – Ростуше и Дебар и натаму се шири …

Тројцата пациенти кои починаа во домашни услови биле со придружни болести. Генетскиот фактор, но и ненавременото јавување на лекар, доведува до трагедии, велат здравствените работници.

Се претпоставува дека луѓето се заразиле на некоја семејна прослава каде имало групирање. Во самите семејства треба да има дисциплина, а искуството покажува дека во Тетово не се внимава кога еден член од семејството е позитивен, па често меѓу себе се групираат.

Во Клиничката болница во Тетово бројките незначително се намалуваат. Изминативе 24 часа има 146 амбулантски прегледи, 108 хоспитализирани, двајца починати, на 46-годишна возраст.

А, заразата во општините Маврово-Ростуше и Дебар и натаму се шири. Во Дебар има 39 хоспитализирани сите на кислородна поддршка, а се лекуваат на инфективното и хируршкото одделение. Има зголемен број и на амбулантски прегледи. Свадбите и печалбарите ги зголемија бројките во овој регион.

Позитивно е што во последно време се разбуди свеста и населението од западна Македонија масовно се имунизира, што е единствен спас од заразата, потенцираат здравствените работници.

Зоран Димовски