Ковид-19

Хоспитализирани 52 ковид- пациенти, вакцинирани 59% од жителите на Охрид

02.09.2021 14:06

Четвртиот бран од пандемијата придонесе да се исполни модуларната болница во Охрид, а интерното одделение е повторно пренаменето во ковид- центар. Хоспитализирани се 52 лица што во споредба со другите градови е далеку помала бројка, а тоа како што велат лекарите, се должи на масовната вакцинација на охриѓани.

Во Општата болница во Охрид во моментов се хоспитализирани 52 лица позитивни или суспектни на ковид-19. Тие се распоредени во модуларната болница и во интерното одделение кое што повторно е пренаменето во ковид центар, а лекарите и другиот медеицински кадар во болницата ротира за успешно да се справи со поголемиот наплив на пациенти. За овој четврти бран карактеристично е тоа што има поголем број млади лица кои што доаѓаат со потешка клиничка слика, а над половина од хоспитализираните се на кислородна подршка.

„Од 52 пациенти 10 се вакцинирани со две дози и се со полесна клиничка слика, а 42 се невакцинирани и најтешките пациенти се невакцинирани, не знаеме од која причина но пациентките 2-3 кои што се со најтешка клиничка слика се невакцинирани, со тоа што имаме и еден пациент кој што е гостин од Хрватска“, изјави д-р Горан Балевскидиректор на Општа болница Охрид.

На вакциналниот пункт во охридската болница нема метеж. Интересот за вакцинирање во споредба со изминатиот период е намален што најверојатно е резултат на масовната вакцинација во текот на летните месеци.

„Бројот на вакцинирани граѓани во Охрид е висок. Според анализите на министерството за здравство, значи граѓани кои што се од Охрид вакцинирани изнесува некаде 59 посто“, вели д-р Соња Мариноска- началник на Службата за превентива на деца и младинци.

„Гужва воопшто нема, еве пополнувам формулар за татко ми, прва доза, вакцинацијата добро се одвива. Има посетеност а гужва нема“.

„Гужва нема, двајца- тројца ништо не е. Чекање нема, услугата е на ниво“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Процентот на вакцинирани охриѓани најверојатно е поголем ако се знае дека дел од граѓаните ја искористија можноста да се вакцинираат во Србија. Тоа според лекарите придонесе да не се преполнат болничките капацитети како што беше во претходниот трет бран од пандемијата.

 

Сашо Нелоски