Талибанците на тест
Талибанците и натаму ја слават победата по целосното заминување на американците од Кабул. Во Кандахар организираа воена парада. ЕУ не брза со признавањео на Талибанците. Тие пак, преземаат воена офанзива во провинцијата Панџшир. Во Кабул протест на жените поради политиките на Талибанците...

Талибанците на тест- ја добија војната, сега треба да научат да ја водат државата. Ветија пофлексибилен систем, инклузивна влада и безбедност. Но, ќе успеат ли да ја минат транзицијата во очајно сиромашната и дипломатски изолирана земја?
„Без сомнение тоа ќе биде Исламска влада. Луѓето направија огромни жртви за нејзино воспоставување. Се надеваме дека раководството ќе дојде до добар заклучок. Се обидуваме да го вратиме редот, најважна ни е безбедностана луѓето и воспоставување на владеење на правото. Се надеваме дека владата наскоро ќе биде објавена и сѐ ќе се врати во нормала“, изјави Забихула Муџахид, портпарол на Талибанците.
Кина се надева дека новата авганистанска влада ќе ги зајакне здравите односи со сите земји, особено со соседите.
„Кина искрено се надева дека сите страни во Авганистан ќе ја повторат желбата на авганистанскиот народ и заедничката аспирација на меѓународната заедница, ќе изградат отворена и инклузивна политичка структура, ќе усвојат умерена и претпазлива домашна и надворешната политика“, вели Ванг Венбин, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.
Експертите се скептични, велат- како бунтовници, Талибанците имаа огромни приходи, но таа сума е мала во споредба со барањата на Авганистан како земја. ООН предупредуваат на хуманитарна катастрофа поради малите резерви на храна.
„Ситуацијата во Авганистан од хуманитарна перспектива продолжува да биде крајно напната. Додека ви зборувам денес од Кабул, повеќе од половина авганистански деца не знаат дали ќе јадат вечерва или не. Тоа е реалноста на ситуацијата со која се соочуваат на теренот“, изјави Рамиз Алакбаров, Мисија за помош на ООН во Авганистан.
Од Брисел велат дека ќе треба да соработуваат со Талибанците, но нема да брзаат со формално признавање на исламистичката милитантна група.
„Потребата за поголема европска одбрана никогаш не била толку очигледна како денес по настаните во Авганистан. Конечниот нацрт на стратешкиот компас на ЕУ за безбедност и одбрана ќе биде подготвен до октомври или ноември“, рече Џозеф Борел, шеф за надворешна политика на ЕУ.
Во меѓувреме, во долината Паншир- единствената слободна територија во Авганистан, се водат жестоки борби. Движењето на отпорот не попушта, велат- ќе се борат до крај.
„Ова е дел од силата на отпорот во долината Паншир. Се спротивставуваме на Талибанците. Имаме многу опрема со нас, и ќе ја браниме нашата територија до последната капка крв“, вели член на движење на отпорот.
По завршувањето на 20-годишната американска мисија, војската не успеа целосно да ја уништи воената опрема. Голем конвој со разни воени возила со стотици талибански борци во средата мина на парада низ Кандахар. Таблоидот „Дејли Меил“ тврди дека Талибанците поседуваат 48 борбени хеликоптери и авиони, повеќе и од 10-на земји на НАТО.
Бојана Крстевски
