Пописот почнува в недела
Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера изјави дека попишувачите се добро подготвени, оти имаат и добра опрема за реализирање на пописот.

Сѐ е подготвено да почне и да се одржи пописот, не се очекуваат никакви проблеми. Властите најавуваат дека има решение и за оние граѓани кои не сакаат да примат невакцинирани попишувачи, и оти ним ќе им бидат испратени вакцинирани.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера изјави дека попишувачите се добро подготвени, оти имаат и добра опрема за реализирање на пописот.
Очекувам во недела наутро да започне пописот, којшто ќе трае до 30 септември и којшто треба да ги собере сите информации. Правни пречки нема никакви, за да почне пописот, нема ниту технички и логистички пречки. Точно е дека се работи на дополнување на бројот на резервни попишувачи во одредени подрачја. Владата на располагање ги стави оние лица, кои се ангажирани со договор на дело по институциите, да помогнат таму, каде што има потреба и мислам дека со тоа ќе се заокружи бројот на попишувачи, изјави Маричиќ.
Посочи дека сите здравствени мерки и за попишувачите и за населението се донесени во соработка со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
Премиерот Зоран Заев, пак, вчера рече дека не очекува проблеми со спроведувањето на пописот, а во одговор на новинарско прашање како ќе се решаваат ситуации со оние граѓани кои нема да примат невакцинирани попишувачи, тој најави дека ќе има рокади на попишувачите.
Пописот ќе почне во недела, на 5-ти септември, и ќе трае до 30-ти септември. До тој ден ќе трае и онлајн пописот на дијаспората што почна на 1-ви март. До вчера до 7:30 часот во дијаспората се попишани 190.890 граѓани. Ваква статистичка операција во земјава последен пат е спроведена во 2002 година.
