Пандемија

Ковид-19 создава сериозни компликации и кај млади без претходни заболувања

03.09.2021 12:26

Со масовна имунизација и превентивни мерки може да се победи пандемијата, смета пулмологот д-р Злате Мехмедовиќ. Апелира будно следење на состојбата во училиштата...

На пацинети кои се стабилни, за многу брзо им се влошува состојбата. Не само белите дробови - крвта, срцето, бубрезите, ендокринилошкиот систем, мозокот, сите органи на удар на коронавирусот. Имаме пацинети со сериозни компликации, меѓу нив се и млади без претходни заболувања.

„Еден од проблемите кои ги потенцираме е правилното следење на пациентите и контролата на состојбата, зошто многу брзо може да ескалира и да се влоши и да биде многу потешка и покомплицирана за третирање“, вели пулмологот, д-р Злате Мехмедовиќ.

Ако не се спречи ширењето на вирусот, постои опасност од појава на нови мутации кои ќе го заобиколуваат имуниот сисмтем создаден со прележување или со имунизација, вели доктор Мехмедовиќ. Но, докторот смета дека со масовна имунизација и превентивни мерки може да се победи пандемијата. Сепак, апелира епидемиолошката состојба во училиштата будно да се следи.

„Тоа е сериозен епидемиолошки настан кој треба сериозно да се свати. Има многу студии во светот за тоа како овој вирус се однесува во организмот на децата за разлика од другите вируси и колку повеќе е агресивен кога се работи за инфекција кај децата. Мислам дека веќе е несериозно да зборуваме дека децата не се афектирани од овој вирус и дека асимптоматски ќе ја прележат болеста“, смета д-р Мехмедовиќ.

Министерството за здравство предупредува - најголема смртност кај пациенти со ковид има во градовите со најнизок процент на вакцинирано население. Па така, во Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61%, бројот на починати е најмал. Тетово, пак, каде состојбата е најсериозна, го пречека новиот бран со само 19%  вакцинирани граѓани во јули и таму притисокот врз болниците и бројот смртни случаи се најголеми.

 

Наташа Јанчиќ- Менковски