Расте бројот на загинати по ураганот „Ида“
Голем дел од жртвите, животот го загубија заглавени во автомобилите однесени во поројот, но и во поплавените домови...

Расте бројот на загинати во поплавите на североистокот од САД. Голем дел од жртвите, животот го загубија заглавени во автомобилите однесени во поројот, но и во поплавените домови. Ова момче го загуби семејството. Свдочи колку сѐ се случило брзо.
„Сите бевме внатре кога тоа се случи. Додека ја забележавме водата таа веќе не однесе“, вели Дилан Рамскриет.
Неговите соседи имаа повеќе среќа.
„Многу брзо се случи сѐ. Врнеше силен дожд, и за неполн час- бум! Сѐ беше под вода“, вели Џими Удо.
„Се чувствувам многу тажно за нив. Се сметам за среќна што не сум во таа ситуација“, вели Ренуке Сукмангал.
Очи во очи со бесниот ураган се соочила и бездомната двојка Хеберт. Без автомобил, не успеале пеш да стигнат до автобусот за евакуација. Засолниште нашле под мостот.
„Единствената опција што ја имавме беше да се засолниме под нешто. Тоа и го направивме“, изјави Вилфред Хеберт.
„Беше навистина страшно. Најстрашното нешто што сум го доживеала. Плачев и се држев за него“, додава Анџелик Хеберт.
Регионот беше предупреден за потенцијално смртоносни поплави, но не се подготви за таков удар- тврдат американските медиуми. Градоначалникот на Њујорк, пак, вели дека силината на бурата ги изненадила сите.
„Видовме неверојатна бура, каква што не сме виделе досега. За жал, цената што ја платија некои Њујорчани беше ужасна и трагична. Ова е најголемиот повик за будење што може да го добиеме“, изјави Бил де Блазио, градоначалник на Њујорк.
„Сите промени што ги видовме во времето, не се случајни. Глобалното затоплување е пред нас и ќе биде се полошо и полошо ако не направиме нешто за тоа“, смета Чак Шумер, сенатор на Њујорк.
Претседaтелот Бајден изјави дека се потребни „историски инвестиции“ за справување со климатската криза.
„Изминатите неколку дена сме сведоци на невидени поплави и пожари кои се уште еден потсетник дека овие екстремни бури и кризата со климатските кризи се тука. Треба да сториме, да бидеме многу подобро подготвени. Треба да дејствуваме“, нагласи претседателот Бајден.
СИ ЕН ЕН објави дека 132,5 милијарди литри вода паднале во пет главни области во Њујорк во период од пет часа. Толку многу врнежи во краток временски период би биле проблематични насекаде во светот, но кога ќе падне таков дожд во урбана област како Њујорк, тогаш проблемите стануваат многу поголеми.
Бојана Крстевски
