Охрид

Негирањето на македонскиот јазик е политички, а не лингвистички проблем

03.09.2021 15:45

Седумдесет македонисти и слависти од земјава и странство зедоа учество на четириесет и осмата Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Тие ќе ги изложат своите истражувања по повод сто годишнината од раѓањето на Блаже Конески, а што се однесува до негирањето на македонскиот јазик велат дека се работи за политички, а не лингвистички проблем...

Негирањето на македонскиот јазик е политички, а не лингвистички проблем. Ова е ставот на учесниците на 48-та Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јалик, литература и култура на која носечка тема е „100 години од раѓањето на Блаже Конески-стожер на македонскиот јазик, литература и култура“.

„Негирањето на постоењето на македонскиот јазик е смешно и глупаво. Тоа не се лингвистички проблеми туку политички. Мислам дека од еден народ зависи дали својот јазик ќе го третира како посебен или заеднички со некој друг. Ако тоа македонците го сакаат мора да се почитува бидеќи има доволно лингвистички разлики да се оправда“, изјави академик Ирена Савицка-славист од Полска.

„Секакви отповикувања за неговата автентичност мислам дека се непотребни, кој може да добие поени освен некои политички“, вели проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска-директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

„Знам за таа ситуација, за тоа негирање. Мислам дека тоа не е во ред и нема никаков смисол да постои такво нешто“, смета проф. д-р Рајна Драгичевиќ, Филолошки факултет – Белград.

Се работи за предрасуди од 19-от век на кои што Конески одговорил уште во 1948 година во својата книга „По повод најновиот напад на нашиот јазик“.

„Проблемот е кај нив, треба да го превагнат затоа што ние како народ, како нација сме расположени и како луѓе се разбира сме расположени за соработка бидеќи има многу заеднички работи кои што можат да бидат наш плус а не наш минус“, вели проф. д-р Људмил Спасов.

„Тоа се сосема ненаучни тврдења кога целата лингвистичка наука тоа го потврдува. Јасно е дека се работи само за политика“, додава проф. д-р Станислава Сташа Тофоска, Филолошки факултет „Блаже Конески“-Скопје.

Преку видео врска во работата на конференцијата ќе се вклучи јапонскиот славист Мотоки Номачи кој ја најде првата современа Граматика на македонски јазик нарачана од президиумот на АСНОМ. Таа е напишана во 1947 година од рускиот професор Самуил Бернштејн и цели 70 години се сметаше за исчезната.

 

Сашо Нелоски