Висок квалитет на водата во Охридско езеро

27.03.2014 10:29

И покрај тоа што не се води доволно грижа за заштита на Охридското Езеро анализите направени на почетокот на март покажуваат дека езерската вода е од прва и втора класа. Зачудува тоа што најголем загадувач во сливот на езерото е прочистителната станица кај струшкото село Враништа, каде што наместо водата да се прочистува во реката Црн Дрим се испушта загадена вода од 4 и 5 класа...

Квалитетот на водата во Охридското Езеро е од прва,односно втора класа.Сепак загрижува состојбата со квалитетот на водите на реките Коселска,Сатеска и Велгошка,бидеќи со покачувањето на температурите ќе се зголеми загаденоста на местата каде што тие се влеваат во езерото.
 
„Сите три реки се со класа три,односно не ги задоволуваат стандардите според законската регулатива,поточно според уредбата за класификација на водите“, вели Сашо Точков од Центарот за јавно здравје Охрид.
 
Како најсериозен загадувач на животната средина Точков ја посочи прочистителната станица кај Враништа,каде што наместо по третманот да се испушта вода во најлош случај од втора,во реката Дрим се пропушта вода од 4 или 5-та класа.
 
„Реката Црн Дрим е оптоварена со неефикасноста на работата на прочистителната станица,односно доаѓа до загадување на водите во реката“, додава Точков.
 
Од Центарот за јавно здравје препорачуваат да се изврши реновирање или набавка на некои потребни филтри или делови за станицата како и во минатото нормално да функционира.
 
 
Сашо Нелоски