Француска премиера на „Хомо“ на филмскиот фестивал во Нанси

06.09.2021 12:54

На Меѓународниот филмски фестивал од Нанси изминатите дваесетина години редовно се селектирани македонски филмови или македонски копродукции кои се претставувани пред француската публика. Годинава во својата селекција го има и филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи...

Синоќа во Нанси беше спуштена завесата на 27-то издание на меѓународниот филмски фестивал од овој град. Повторно на големиот екран во рамките на најпрестижната програма на фестивалот „Под ѕвездите“ беше прикажан еден македонски филм.

Годинава честа да се најде во селекцијата заедно со Хајао Мијазаки Коре Еда Хираказу, Аки Каурисмаки и Кристиан Петцолд, ја имаше Игор Иванов – Изи со неговиот игран филм „Хомо“ или „Едноставно човечки“, за кој ова беше француска премиера.

Поради ковид мерките, Игор Иванов не допатува во Нанси, иако тој беше најавен. Филмот ѝ се допадна на публиката, која го испрати со аплаузи. Пјер Кристоф кој е еден од селекционерите на фестивалот, вели дека филмовите ги прикажуваат позитивните и негативните страни на светот во кој живееме.

Филмот „Хомо“ на Игор Иванов ги има квалитетите на италијанските филмови од седумдесеттите години во социјалната и сатирична комедија, како на пример на Марио Муничели во кој се претставува италијанското општество на потсмешлив начин и истовремено со многу хумор.

Во филмот на Иванов, нема многу хумор, ја има циничната страна, бидејќи епохата не сака да се смееме со ова. Времето е многу помалку весело од пред триесет години и се наоѓаме со луѓе кои се во расчекор со општеството, кое не одговара на нивните очекувања. Па тие не успеваат да си најдат место во него и кога се во позиција на власт го искористуваат.

Филмот тоа ни го раскажува во круг и бидејќи сме во круг не е лесно е да се излезе од тешкотиите. Режисерот со силно изразените карактери на своите личности во филмот, сака да каже дека нештата можат да се изменат и да се направат поинакви. Општеството да биде поправедно во кое секој ќе си го најде местото. Но не сме сигурни дека решението ќе биде најдено.

Филмот стана вистински амбасадор на македонската култура во Франција, потврда на тоа се излегувањето во комерцијална екслоатација на два македонски филмови во француските кино сали „Господ постои, името му е Петрунија“ и „Медена Земја“.

 

Тони Гламчевски