Охрид

Дождот го локализира пожарот на Галичица

06.09.2021 14:53

Пожарот на планината Галичица по една седмица е локализиран благодарение на слабите врнежи од дожд. На терен се тимови кои што интервенираат на местата каде што сѐ уште се издига чад и се потенцијална опасност за негово повторно активирање...

Слабите врнежи од дожд, влажниот воздух и вчерашната интервенција на хеликоптерот на македонската армија придонесоа да се локализира пожарот на Галичица. Уште утрото во зоната на пожарот се упатија тимови за целосно да ги елиминираат жариштата кои се сеуште активни.

„Не побаравме доаѓање на хеликоптери бидеќи дождот го намали значително интензитетот на пожарот. Има чадење само на неколку места долж западниот фронт на пожарот и на тие места дел од екипите кои бевме договорени денеска да вршиме гаснење на пожарот ќе одат интервентно да го конечно изгаснат“, изјави Андон Бојаџи, Национален парк „Галичица“.

Како и во 2007 година и овој пат сојузник во гаснењето на пожарот беше дождот.

„И во случајот на овој пожар значајно е да се спомене дека имаме сериозни реакции од јавноста кои се оправдани. Зошто треба да реагираме на пожарите?Бидеќи овој дел каде што е пожарот во моментов е во рамките на Светското културно и природно наследство кое е на Листата на УНЕСКО и ние мораме да покажеме ефикасност во справувањето вклучително и со природните катастрофи“, вели Бојаџи.

Ова е втор случај кога пожар од Албанија се префрла на македонска територија, а е предизвикан од локален сточар кој ги опожарува пасиштата за да обезбеди поквалитетна трева. Практика која мора да прекине.

 

Сашо Нелоски