Куманово: Пописот тече, нема пријавени проблеми
Во Куманово и Старо Нагоричане успешно се реализира пописот. Засега не се евидентирани никакви проблеми. Граѓаните ги примаат попишувачите и им ги доставуваат сите неопходни информации. За статистичката операција во овие две општини ангажирани се 310 лица.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Куманово и Старо Нагоричане се реализира успешно и мирно. За овие два дена не се евидентирани никакви проблеми. Од пописната комисија од најголемата општина во државата не открија колку лица досега се попишани, но нагласуваат дека засега нема отпор од граѓаните. Тие ги примаат попишувачите и им ги доставуваат сите неопходни информации. Засега ниту еден попишувач не бил вратен. За оваа статистичка операција за Куманово и Старо Нагоричане се ангажирани 310 лица.
„258 како реонски попишувачи, 26 како инструктори и 26 лица се резервни попишувачи. Пописот на територијата на Куманово и Старо Нагоричане започна вчера регуларно, со почеток од 08 часот и досега нема пријавено никакви проблеми за самиот процес на одвивање на оваа статистичка операција“, изјави Александар Гелевски, претседател на пописен реон Куманово.
Во Куманово пописот се одвива и во централното подрачје, но и во руралните средини. Попишувањето во едно домаќинство во просек трае по 15 минути. Од комисијата укажуваат дека се почитуваат ковид протоколите. Очекувањата се дека пописот ќе заврши во законски утврдениот рок, до крајот на септември.
Елена Георгиевска
