Ковид- позитивни ученици во четири училишта во источниот регион
По еден ученик позитивен на Ковид -19 има во четири училишта во Штип и Карбинци. 53 нивни соученици се во изолација и продолжуваат со онлајн настава. Расте бројот на активни случаи во Штип, во пораст се и тестирањата со упат од матичен лекар. Во штипската модуларна болница има шест слободни места...

Бојкот на наставата денес нема во училиштата во источниот регион, но потврдени се четири ковид позитивни ученици. 53 деца од денес се во излоација и во наредните две седмици наставата ќе ја следат онлајн.
По еден ученик позитивен на корона има во две основни и две средни училишта на истокот. Се работи за Основните училишта „Тошо Арсов“ во Штип и „Страшо Пинџур“ во Карбинци и средните „Коле Нехтенин“ во Штип и Државниот училишен центар „Искра“ во Штип.
Се чекаат резултатите од тестирањето на двајца наставници во Основното училиште „Ванчо Прќе“ во Штип, суспектни на Ковид-19. Доколку се потврдат како заразени, Центарот за јавно здравје ќе направи процена на ризик со соодветни мерки за изолација на наставниците и учениците.
Во Штип во моментот има 176 активни случаи, хоспитализирани се 41 лице од регионот, од нив 24 се на кислородна поддршка. Осуммина од пациентите се вакцинирани. Починати се две лица.
Славица Величковска
