Маричиќ: Зоран Милески- Кичеец излегол од затвор со медицинска документација
Осуденото лице Зоран Милски- Кичеец кој учествуваше во сообраќајна несреќа со смртни последици, добил привремен прекин на затворската казна од 30 дена поради здравствени причини, информира министерот за правда. Маричиќ појасни - тоа е направено со дозвола од директорот на затворот и директорот за извршување на санкциите...

На 10-ти август на затвореникот Зоран Милески- Кичеец му бил одобрен прекин на издржувањето на казната поради влошена здравствена состојба, информира Управата за извршување санкции. Милески до затворот доставил специјалистички извештаи од лекарски прегледи, извршени во Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид. Се пожалил на забрзана работа на срцето и болка во градите поради физички и психички стрес. Тој во затворот во Струга треба да се врати на 9-ти септември, но осудениот во „Рекет“ повторно стана актуелен откако учествуваше во сообраќајна несреќа кај Стража со смртни последици.
Случајот предизвика многу реакции. Опозицијата обвини дека наместо во затвор, криминалци се шетаат слободно низ земјава. Според ВМРО-ДПМНЕ, власта ангажира припадници од подземјето за да ги врши валканите работи во предизборитето, на што Социјалдемократите реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ конструира случаи.
Милески казната затвор ја издржува од 26-ти октомври минатата година во отвореното одделение во затворот во Струга. Осуден е на три години затвор, откако во декември 2019-та година го призна делото за случајот „Рекет“- примање награда за противзаконито влијание. Тој викендов беше дел од сообраќајката во која учествуваа три возила, едно лице загина, а неколкумина беа повредени.
Игор Панов
