Македонија

Пописот продолжува, апел граѓаните да се вклучат во процесот

07.09.2021 09:22

По вчерашниот неколкучасовен прекин, пописот продолжи без проблеми. На терен доследно почитување на здравствените протоколи. Регистрирани неколку граѓани кои одбиле да се попишат. Ќе бидеме упорни, вели директорот Апостол Симовски, кој очекува успешна статистичка операција...

По вчерашниот неколкучасовен прекин, пописот продолжи без проблеми. На терен доследно почитување на здравствените протоколи.

Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии, соопшти вчера ДЗС.

Регистрирани неколку граѓани кои одбиле да се попишат. Ќе бидеме упорни, вели директорот Апостол Симовски, кој очекува успешна статистичка операција.

Мислам дека овој процес ќе биде успешно завршен на крајот и сите ќе се радуваме на крајот на септември и дека сме го завршиле овој процес после цели 20 години. Многу малку инцидентни случаи, кои што се занемаралив број и таму првично што ќе направиме е да поразговараме со овие луѓе да им објасниме што е целта на пописот и очекуваме дека нема да има проблем. Не би сакале во моментот попишувачот да го ставиме во таква ситуација, таму ќе отидат нашите државни инструктори да им објаснат малку подобро и веруваме дека нема да има проблем и во тој дел. Сега за сега се многу малку инциденти случаи и малку на број, рече Симовски.

Апел за вклучување во пописот дојде и од Европската комисија која ги охрабри сите во земјава да учествуваат во процесот на попишување на населението и додаде дека пописот е дел од процесот за пристапување во ЕУ.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна завчера, ќе трае до 30-ти септември.