Македонија

Во процедура предлог- законот за продажба на земјоделско земјиште

07.09.2021 09:31

Новиот предлог- закон за продажба на земјоделско земјиште влегува во владина процедура. Според надлежното министерство во него се вградени сите забелешки на заинтересираните субјекти за владината земјишна политика. Спорниот дел за давање на земјоделски парцели за стратегиски инвестиции е целосно отстранет.

Предлог - законот за продажба на земјоделско земјиште влегува во процедура за негово донесување. Според надлежното министерство сите доставени забелешки на засегнатите субјекти се вградени во новиот текст.

Целосно е отстранет делот за стратегиски инвестиции кој според многумина беше спорен. Сега се предлага странските државјани да можат да имаат удели во правното лице, но не повеќе од 49 проценти од земјиштето.

Во однос на големината на парцелите, тие нема да бидат ограничени, односно за тие што поседуваат поголеми парцели, Владата ќе одреди до кој процент можат да бидат купени од страна на самите концесионери.

Земјиштето ќе биде заштитено од пренамена во наредните 10 години и нема да може да се трансформира од земјоделско во градежно земјиште во овој период. Земјоделците ќе можат да го купуваат на рати, а почетната и максималмната цена ќе се утврдува врз основа на класите на земјиштето.

Поради потребите на општините и плановите за развој, се предлага земјиште што ќе се продава,  да биде големо и само во рамките на оној дел кој што е до границите на генералните урбанистички планови на локалните власти. 

 

Методија Трајков