Се намалува бројот на новодијагностицирани пациенти со Ковид-19
Нема притисок во болниците таму каде што висок е опфатот со вакцинација, на пример во Кавадарци, во Неготино, во Охрид, во Битола, во Ресен, во Гевгелија, а голем е онаму таму каде што е помал опфатот на вакцинација.

Бројот на новодијагностицирани пациенти со Ковид-19 се намалува, а во меѓувреме расте опфатот на вакцинација против Ковид-19 на возрасните граѓани. Според министерот за здравство Филипче, ситуацијата спласнува во овој момент.
Овие трендови на намалување на бројките продолжуваат и на вкупниот број на новодијагностицирани. Вчера нивниот број изнесуваше околу 490, значи под 500 и се намалува и бројот на прегледи во болниците. Еден од најголемите индикатори ни се прегледите на Инфективната клиника и таму се просечно од 120, 130 кога беше големиот притисок, сега е некаде околу 90, рече Филипче.
Нема притисок во болниците таму каде што висок е опфатот со вакцинација, на пример во Кавадарци, во Неготино, во Охрид, во Битола, во Ресен, во Гевгелија, а голем е онаму таму каде што е помал опфатот на вакцинација.
Од вкупниот број пациенти кои се хоспитализирани, а вакцинирани, најголем се со само една доза. Сепак според министерот, тоа е потврда дека е потребно време да помине да се развие имунитетот.
Со сите вакцини имаме хоспитализирани пациенти, имаме и со „Фајзер“ и со „Спутник“, имаме и со кинеската вакцина, имаме пациенти од странство кои се вакцинирале со „Модерна“. Значи, во тој дел нема некоја разлика, рече Филипче и додаде дека младите кои починаа од Ковид-19 биле невакцинирани.
Надлежните посочуваат дека оваа категорија е помалку заштитена, и токму тие можат да го шират вирусот во своите семејства. Затоа, во четврток ќе се отвори пункт во рамките на кампусот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ каде со кадарот од Универзитетската амбуланта ќе се врши вакцинација и на помладите.
Филипче потенцира дека вакцините на „Фајзер“ се препорачани и безбедни и за децата од 12 до 18 години.
Инаку, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 199 случаи на Ковид-19, од направени 2.558 тестирања. Вчера беа пријавени 32 починати лица, а оздравеа вкупно 556 пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 1.190.914 тестирање на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид- дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 180.243, бројката на оздравени пациенти е 159.365, на починати е 6.097. Бројот на активни случаи изнесува 14.781.
