Во изолација неколку паралелки поради Ковид-19

07.09.2021 10:05

Училиштата засега не се во ризик, дециден е министерот за здравство, Венко Филипче. Тој напомена дека протоколите во училиштата се направени по ист принцип како и насекаде во светот, и мал е бројот на ученици кои се заболени.

На самиот почеток на новата учебна година, веќе се во изолација неколку паралелки во Велес, Штип и Прилеп поради ученици кои се позитивни на Ковид-19.

Поточно, едно одделение во прилепско основно училиште од денеска е во изолација, поради ученик во деветолетката кој бил позитивен на тестот за коронавирусот. Во изолација се и пет предметни наставници кои имале контакт со него.

Во штипските основни и средни училишта исто така има по еден позитивен ученик на коронавирусот, а поради два позитивни ученика во велешката гимназија „Кочо Рацин“ во изолација се ставени учениците од две паралелки. Од изолација се изоставени учениците кои биле вакцинирани.

Сепак, училиштата засега не се во ризик, дециден е министерот за здравство, Венко Филипче. Тој напомена дека протоколите во училиштата се направени по ист принцип како и насекаде во светот, и мал е бројот на ученици кои се заболени.

Според министерот, доколку се почитуваат протоколите, децата се безбедни.