Македонија

Пописот продолжува, системот е рестартиран

07.09.2021 13:14

Пописот продолжува, системот е рестартиран, истакна при денешната посета на пописниот центар во Куманово, првиот човек на Заводот за статистика. Според Симовски, кога се работи со технологија, можни се пречки. Но, направенo е ажурирање на апликацијата и системот функционира. Тој ја отфрла можноста да се внесени двојни податоци. Досега се попишани околу 150.000 граѓани...

Најголемата статистичка операција во земјава продолжува. Проблемите се отстранети, системот е рестартиран, истакна при посетата на пописниот центар во Куманово, директорот на Државниот завод за статистика. Симовски нагласи дека апликацијата функционира, попишувачите на терен нормално ја извршуваат својата задача. Досега се попишани околу 150.000 граѓани.

„Секогаш кога работите со технологија, се можни вакви случаи. Тие беа предвидени и однапред и затоа има цела екипа и од провајдерот на апликативното решение и од провајдерот на интернет конекцијата, постојана екипа која е подготвена во случај на такво нешто да интервенира и луѓето тоа го прават и продолжуваат работите“, посочи Апостол Симовски, директор на Државен завод за статистика.

Директорот на Државниот завод за статистика ја отфрли можноста поради прекините во апликацијата да се внесени двојни податоци. Досега ниту едно лице не е казнето. Станува збор за мал број случаи на одбивање, а обврска на државните инструктори е да разговараат со овие граѓани. Во Куманово пописот се реализира успешно. Ангажирани се 310 попишувачи, кои работат согласно здравствените протоколи.

„Досега нема пријавено никакви проблеми кај граѓаните, се јавуваат проблеми кои се пред се од техничка природа меѓутоа истите благовремено се надминуваат и се решаваат“, истакна Александар Гелевски, претседател пописен реон Куманово.

Попишувачите во Куманово и Старо Нагоричане досега не регистрирале бојкот на населението.

 

Елена Георгиевска