Имунизацијата клучна за раст на економијата
Општата економска прогноза е подобрена, но закрепнувањето се одвива бавно. Имунизацијата е клучен фактор за излез од кризата, порача претседателот Пендаровски на конференцијата „Економско заздравување и раст по Ковид“. Шефот на државата смета дека членството во НАТО може да резултира и со поголема економска стабилност. Застојот во евроинтеграциите е предизвикан од блокада, истакна Пендаровски...

Глобалната економија сѐ уште е многу кревка, а предизвиците се големи. Светот сѐ уште се бори да го заштити здравјето и да се неутрализирааат штетните економски последици од пандемијата, порача претседателот Пендаровски на „Скопје економски и финансиски форум“. Огромни падови на бруто националните производи, берзански шокови и загуби има во сите индустрии. Шефот на државата дециден- имунизацијата е клучен фактор за излез од кризата, и затоа не смее да има нерамномерна дистрибуција на вакцините, а со тоа и забавено темпо на растот.
По спроведувањето на пакетот мерки, економските индикатори се позитивни вели вицепремиерот Битиќи. Посочува дека со Интервентниот план за инвестиции до 2027 година, се планира побрз и одржлив економски раст на земјава. Еден од клучните сектори во иднина за раст на БДП се очекува да биде енергетскиот сектор.
Од Европската банка за обнова и развој децидни- странските инвеститори треба да ја реоткријат земјава, бидејќи можности има.
Конкурентноста на локално и на регионално ниво ќе обезбеди побрз развој на економиите, заклучок од форумот.
Дијана Ценевска
