Политика

ВМРО-ДПМНЕ најави блокада на Собранието поради злоупотреба на европското знаменце

07.09.2021 14:41

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека владејачкото мнозинство во Собранието продолжува со злоупотребата на европското знаменце. Најавуваат можна блокада на парламентот. Целта е усогласување на нашата со европската регулатива, возвратија од мнозинството...

Владејачкото мнозинство го злоупотребува европското знаменце при носењето закони, оневозможувајќи отворена дебата и аргументирана дискусија од опозицијата, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Поради овој, како што велат, шверцерски начин на носење на законите, од пратеничката група најавуваат бојкот на работата на Собранието. За неколку дена власта сака да донесе 12 нови закони, рече Мицевски.

„Ги повикуваме да го почитуваат деловникот на Собранието, и да ги презакажат матичните комисии каде што овие закони ќе бидат разгледани во нормална и редовна постапка со дебата дискусија и со пратениците од опозицијата. Доколку СДСМ не се повлечат од оваа налудничава идеја, јавно им порачуваме дека ќе го блокираме Собранието“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинувањата на опозицијата не се ништо ново-возвратија од СДСМ. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја види суштината и целите на законите, кои се подготвуваат подолго време. Европското знаменце овозможува транспарентно усогласување со европските регулативи. За опозицијата, посебно е спорен Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Според нив, неговото усвојување по брзата постапка единствено е во интерес на фамилијата Заеви. Социјалдемократите реагираат. Недостасува суштинска дебата од опозицијата.

„Контроверзноста ја наметна опозицијата, бидејќи не сакаат да дискутираат суштински, туку во старт пред самиот закон го нарекоа контроверзен, и знаете каква беше квалификацијата. Не значи дека ако законот е со европско знаменце, нема простор да се гледа суштински. Тоа сме го докажале и покажале и со други закони заедно со опозицијата“, изјави пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева.

Првата пленарна седница, претседателот на собранието Џафери ја закажа на 14-ти септември.

Марина Стојанова-Тонева