Не стивнуваат реакциите за случајот Миленковски
Продолжува институционалното префрлање на одговорноста за случајот со македонскиот дипломат. Османи најавува строг ветинг, премиерот Заев уште ги чека деталите. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка на двоецот Димитров- Османи...
По скандалот со уапсениот дипломат Миленковски, шефот на дипломатијата бара до петок, сите раводители на клучните оддели во МНР и амбасадори да аплицираат за НАТО сертификат. Според Османи, со проверка и од НАТО, ќе се избегне слабоста на националниот сертификат што го издаваат МВР и Агенцијата за национална безбедност.
МНР ги повлекло дипломатските пасоши на Милековски и на уште двајца дипломати, едниот пензиониран, а другиот на годишен одмор, за кои исто така МВР посочило дека се води истрага.
Државата стои зад своите граѓани, па и за Миленковски, сѐ додека тој не е осуден, ако е обвинет секој ќе одговара за сторените дела дома или во странство, порача премиерот Заев, додавајќи дека не стигнале официјални информации за апсењето и евентуалното барање за екстрадиција во Ерменија.
Поради скандалот со Миленковски, од ВМРО- ДПМНЕ побараа оставка од министерот Османи и неговиот претходник Димитров. Очигледно е дека Миленковски и другите двајца дипломати се само извршители, а некој друг нарачател. Дополнителна индиција дека Заев нешто крие, е фактот што пионите на Спасовски во МВР сокриле од Наќе Чулев секаков документ за случајот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И Македонскиот дипломатски синдикат со осуда на амбасадорите кои го нарушуваат угледот на македонската дипломатија. Најновиот скандал со Миленковски, оценија од синдикатот, е последен од низа случаи од поразителна состојба во дипломатијата и бараат ресетирање за враќање на угледот.
Ирина Гелевска
