Николовски: Нова владина одлука- се спречува злоупотребата на службени возила
Одлуката е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели.

На денешната владина седница, на иницијатива на заменик претседателот на владата за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски, беше донесена нова одлука со која се дефинира и регулира користењето на службените возила во сопственост или користење на државата.
„Со новите одредби, секое користење на службенте возила мора да одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности“ – вели Николовски.
Одлуката е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели. Новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење, овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција.
Ова е уште една владина мерка во насока на рационално користење на службените ствари и буџетските средства. Во изминатиот период се донесе и веќе се применува одлуката со која се ограничуваат трошоците за угостителски услуги за работни состаноци од страна на носителите на јавни функции, а со измените и дополнувањата на Законот за јавни претпријатија се ограничуваат надоместоците на членовите на управните и надзорните одбори и се намалува на бројот на членови на управни и надзорни одбори.
