ОБСЕ/ОДИХР со 20 долгорочни и 250 краткорочни набљудувачи ќе ги мониторира локалните избори
Де Зулуета на прес-конференцијата информираше дека тие денеска веќе имале средба во Министерството за надворешни работи, како и во Државната изборна комисија.

ОБСЕ/ОДИХР денеска ја започна својата набљудувачка мисија за локалните избори закажани на 17 октомври, во специфични услови поради пандемијата со Ковид -19. Шефот на мисијата, Тана де Зулуета иформираше дека Мисијата се состои од основен тим од 13 стручни лица со седиште во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во земјата од 15 септември. ОДИХР планира и да побара од земјите-учеснички на ОБСЕ да пратат 250 краткорочни набљудувачи, кои би пристигнале неколку дена пред денот на изборите.
Де Зулуета на прес-конференцијата информираше дека тие денеска веќе имале средба во Министерството за надворешни работи, како и во Државната изборна комисија.
Ќе бидеме тука на покана на вашите власти, да ги набљудуваме изборите, да видиме дали се придружувате на стандардите на ОБСЕ, но исто така и до вашите закони и Изборниот законик, рече де Зулуета.
Првпат на овие избори во земјата ќе се применат терминали и систем за вчитување на отпечатоци од прсти. Од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР посочија дека има аналитичар за регистрација на гласачите и дека нивни претставници во ДИК веќе прегледале неколку од овие машини, но и дека ќе испитаат како тие се импементирани во други држави членки на ОБСЕ.
Шефот на мисијата де Зулуета истакна дека имајќи го предвид големиот проблем со кој се соочува земјата, а тоа пандемијата со Ковид-19, тие ќе се придржуваат до сите мерки за превенирање на ширење на болеста што се спроведуваат во земјата.
