Ренова и Еуромилк ќе го заокружат 25-то коло
Тие се дел од квартетот во близина на „проклетото“ 9-то место на табелата,кое што води во понизок натпреварувачки ранг.

Во Тетово и денеска ќе се игра прволигашки фудбал.Вчера започнатото 25-то коло од Првата фудбалска лига ќе биде комплетирано со натпреварот меѓу Ренова и Еуромилк.Тие се дел од квартетот во близина на „проклетото“ 9-то место на табелата,кое што води во понизок натпреварувачки ранг. Вчера Брегалница и Шкендија успешно минаа преку високите баритери. Извојуваа победи над аспирантите за титулата: Брегалница го победи Хоризонт со 1:0, а Шкендија го надигра Работнички со 2:1.
Денешната битка на стадионот под Шара е од сосема поинаков карактер. Двата загрозени тима со релативно изедначени фудбалски можности ќе ја пружаат раката кон спасоносната сламка.Ренова е во моментов 8-ма со 31 бод, Еуромилк е едно место подолу со 30 бода. Само два пати меѓусебе играле Ренова и Еуромилк и тоа во првенството , кое што е во тек. Есента во премиерниот дуел Ренова со голот на Рамадани во 90-та минута во Скопје го порази Еуромилк со 2:1. Фудбалерите од Маџари само делумно се реваншираа: во Тетово одиграа нерешено 0:0.Денеска третпат истрчуваат во потрага по резултатската среќа, која што ја немаа во претходното коло. Ренова се изрезили пред својте навивачи, губејќи ги „планираните“ бодови против фенерџијата Гостивар. Еуромилк со пораз од 2:0 се врати од гостувањето во Турново.
Почетокот на натпреварот во Тетово меѓу Ренова и Еуромилк е во 15 часот.
