Празник

Дефиле, премиерна симфонија, визуелни и музички перформанси- дел од програмата за 30 години независност

08.09.2021 16:54

Директен пренос ќе се емитува на првиот канал на МРТ и на Јутјуб и Фејсбук каналите на Владата...

Свечената програма по повод 30-годишнината од независноста денеска ќе започне пред Собранието во 17:15 часот со премиерната изведба на симфонијата „Убави денови“ од Живоин Глишиќ, специјално напишана во чест на овој значаен јубилеј. Директен пренос ќе се емитува на првиот канал на МРТ и на Јутјуб и Фејсбук каналите на Владата.

Симфонијата „Убави денови“ ќе ја изведе Филхармонијата, под диригентската палка на Бисера Чадловска. Веднаш потоа ќе започне делот свечено дефиле пред Собранието кое ја отсликува нашата држава, нашата мултикултурна традиција и нашата европска определба, институциите на државата и граѓанскиот сектор, оружените сили, здравството, пожарникарите, земјоделието, индустријата, спортот и културата, како приказ на нашето општество денес, еднакво за сите граѓани, велат од Владата.

Церемонијалниот дел на програмата за одбележување на 30-годишнината од независноста, во 18:30 часот, ќе започне со изведба на уметнички акт на Филхармонијата сочинет од изведба на Бетовеновата „Ода на радоста“ со вокалните солисти од Националната опера и балет Ирена Кавкалевска - мецо сопран, Катерина Стојановска - сопран, Ѓорѓи Цуцковски - тенор и Кристијан Антовски – бас, со вклучена кореографија на учениците од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“.

Овој дел од програмата ќе се затвори со изведбата на антологиската „Абер дојде Донке“ во изведба на Влатко Стефановски.

Програмата по повод 30 години од независноста потоа продолжува со обраќањата на претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, на претседателот на Собранието Талат Џафери (видео обраќање) и со обраќање на претседателот на Владата, Зоран Заев.

Веднаш потоа ќе започне музичката програма со изведба на музички сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во земјава, во изведба на Вера Милошевска - Јосифовска, Јехона Шакири, Елеонора Мустафовска и Минела Богдановиќ, во продукција на Димитар Димовски.

Во рамките на културно-уметничката програма потоа следува аудиовизуелниот перформанс реализиран врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина“ на Емил Петров, Петар Џон и Глигор Постоловски.

Во завршниот дел на музичката програма е предвидена изведба на антологиски забавни песни што ќе ги исполнат Мики Јовановски Џафер, Никола Перевски Пере, Тамара Тодевска, Дешира Ахмети, Џон Илија Апелгрен, Ристо Вртев, Светлана Јовановска, во придружба на Филхармонијата, како и инструменталната изведбата на албанската народна песна „Бареша“. Предвиден е и свечен огномет.