30 години самостојна и суверена држава

Пораки за просперитет и сплотеност од државниот врв за Денот на независноста

08.09.2021 21:33

Триесет години од историската вечер. Да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност. Немаме резервна татковина - претседателот Пендаровски на прославата на јубилејот. Пораки за просперитет и сплотеност и од собранискиот спикер Џафери и премиерот Заев...

Гласот за суверена и самостојна Македонија беше глас на човековото достоинство за сопствена иднина, рече претседателот Пендаровски по повод прославата на третиот Илинден, Денот на македонската независност - 8 Септември. Порача дека прашањето на Крсте Петков Мисирков од далечната 1903 година „Што направивме и што треба да направиме во иднина“, и денес има тежина. Потенцира дека Северна Македонија може да напредува само ако сите граѓани ја чувствуваат како своја татковина интегрирана во западната заедница.

Со референдумот се потврди желбата за суверена држава, рече спикерот Џафери. Потенцира дека денес имаме заедничка држава која треба сите да ја чуваме за нас и за идните поколенија.

Славиме еден од најсветите и најсветлите датуми од историјата на нашата земја, рече премиерот Заев. Македонскиот народ низ вековите водеше борба на интелектуалното поле и со аргументите на идејата за своја држава. Посочи дека обновата не демократијата денес ја зајакнува кохезијата во општество.

Граѓаните очекуваат подобар животен стандард, повисоки плати.

Пред три декади беше успешно спроведен референдум, граѓаните со огромно мнозинство одлучија Македонија да биде самостојна и суверена држава.

 

Дијана Ценевска