Македонија

14 починати во пожарот во модуларната болница во Тетово, увидот продолжува

09.09.2021 08:52

Од Обвинителството велат дека за некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал...

Издадена е наредба за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот кој ја пеплоса модуларната болница во Тетово, информираат утрово од Јавното обвинителство. Се испитува дали има и други починати лица. Од Обвинителството велат дека за некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал.

Увидот е во тек. До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.

Како што соопштија од Обвинителството, за вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје. На местото на настанот беше и јавниот обвинител на Република Северна Македонија кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб.

Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан, стои во соопштението.