Земјоделство

„Ајварка“ ќе има доволно, но поскапа

09.09.2021 10:22

Пласманот на пиперката „Ајварка“ и годинава почна без проблеми, а уште поголема побарувачка се очекува по 15-ти септември. Градинарите се задоволни од цените и од продажбата. Велат, дека и покрај извозот, ќе има доволно и за подготовка на домашниот ајвар.

Годинава родот е добар. „Ајварка“ ќе има доволно и за извоз и за подготовка на домашната зимница. Побарувачката се зголемува. Ја бараат трговците, преработувачките капацитети од сите региони во земја, нарачки има и од поранешни југословенски републики, од Романија и Бугарија,  а се продава и на пазарите во Европа.

Градинарите се задоволни од откупните цени. Во зависност од класата еден килограм се продава за 25 до 30 денари.

Сепак, земјоделците велат дека цената ќе мора да биде повисока од претходните години, затоа што климатските промени се повеќе се чувствуваат и влијаат на приносите кои веќе се проценува дека оваа сезона ќе бидат помали од претходните.

Црвената пиперка е поисплатлива од доматот и краставиците, затоа што има пласман и стабилна цена, а повеќето производители истите површини ги користат за две реколти, и за пролетни култури и за ајварката.

Од вкупното годишно производство на куртовската капија, преработувачите откупуваат од 40 до 45 илјади тони, а пет до 10 илјади тони се продаваат на зелените пазари.

 

Методија Трајков