Смелоста на криминалците не познава граници

17.11.2013 15:12

Во некогашни објекти на Министерството за одбрана, криумчари чувале нецаринета стока

Во поранешните хангари на АРМ во близина на Скопско Визбегово  откриена е голема количина на обувки за кои се претпоставува дека се илегално внесени во Македонија. Станува збор за околу 18 000 чифта од најразлични брендови. Приведено е едно лице против кое е поднесена прекршочна пријава.

-Се работи за обувки кои се пронајдени на принцип на редовна полициска контрола, каде што полициските службеници од мобилната контрола се посомневале дека во возилото се превезува нешто сомнително и потоа ,при детална контрола во соработка со мобилната единица од царина, во соработка со Секторот за економски криминал од СВР Скопје,практично е откриен овој магацин зад нас во кој е пронајдена целата количина на стоката за која се сомневаме дека е нелегално внесена во РМ- изјави Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни на Македонија.

Директорот Ванчо Каргов упати благодарност до Министерството за внатрешни работи за координираната акција .Според него ова е уште еден доказ за успешната соработка на двете институции.

-Вредноста на оваа стока,доколку не би била вистинска трговска марка,доколку се работи за фалсификувана стока ,ја проценуваме на околу 70 илјади евра,меѓутоа доколку се продава во малопродажба по цена  како за оригинал,тоа е над 500-600 илјади евра,што би значело избегнување на околу 15 милиони денари увозни давачки,изјави  Ванчо Каргов, директор на Царинска Управа на Македонија

Разоткривањето на случајот, на кој начин се увезени  и кој се осмелил да ја складира  стоката во поранешните воени хангари  е во тек. Истрагата ќе покаже дали е тоа фирма или организирана група. 

Јасмина Никова