Македонија

Пораки со сочувство за загинатите во пожарот во Тетово

09.09.2021 13:14

Сочувство до фамилиите и граѓаните, за жртвите во несреќата, во која изгоре ковид- центарот во кругот на тетовската болница, стигнаа од политичарите, но и од европските инситутции од повеќе држави…

ЕУ изрази најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите во пожарот во модуларната болница во Тетово за пациентите болни од Ковид.

„Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Влдата на Северна Македонија“, напишаа од грчкото МНР на Твитер.

„Граѓаните на Србија се во болка заедно со луѓето во Тетово. Подготвени сме да пружиме секаква братска помош, бидејќи граѓаните на Македонија не се сами во оваа трагедија“, изјавил српскиот претседател Вучиќ во телефонскиот разговор со премиерот Заев.

„Братска прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Северна Македонија, Ви посакувам мирен ден вам и на вашите семејства“, напиша албанскиот премиер Еди Рмаа на Фејсбук.

„Тажен сум и скршен од трагедијата со пожарот во ковид болницата во Тетово, која однесе човечки животи! Нашето најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите, рече шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев.

БИ-БИ-СИ јави за најмалку 14 загинати во пожарот во импровизираната болница која третира ковид пациенти во Северна Македонија.

„Пожар во болница во која се лекуваат пациенти со Ковид-19, однесе најмалку 10 животи во Северна Македонија. Сѐ уште не е јасно како започнал големиот пожар, или колку пациенти имало внатре“- јавува Дојче Веле.

Американскиот „Вашингтон пост“ јавува дека во пожар што се случил синоќа во Тетово најмалку 10 загинале, а многумина се повредени.

„Еуроњуз“ јавува дека повредениот медицински персонал и пациенти се пренесени во Скопје и ја пренесува изјавата на премиерот Заев дека пред пожарот имало експлозиција.

Катастрофалниот пожар во тетовската модуларна болница е главна вест и во медиумите од регионот.

Ирина Гелевска