Ковид-19

Смртноста од коронавирусот е поголема онаму каде има помала стапка на имунизација

09.09.2021 13:49

Пресметките на универзитетскиот професор од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски потврдуваат дека во четвртиот бран во градовите каде стапката на имунизација е помала смртноста е за неколкупати зголемена. Напоменува дека доколку и во овој обем вакцинацијата не била спроведена, бројката од 660 починати од делта видот во летниот бран би се искачила на околу 1.200 починати. Во услови на целосна имунизација на населението би имале дури за 87% помал ковид морталитет.

Дека четвртиот ковид бран е најголемата опасност за невакцинираните покажуваат и најновите дијаграми на универзитетскиот професор по механика, Дејан Трајковски. Вакцинацијата драстично ја менува сликата за морталитетот. Ако Битола во минатиот бран имаше дневна стапка на смртност од 3,5 проценти, со високиот степен на имунизација сега смртноста се движи само 0,2 проценти. Во Гостивар, Тетово и Кичево, пак поради двапати помалиот опфат со вакцинација морталитетот е многу голем. Според неговите пресметки наместо 660 починати од делта сојот, сега би имале околу 1.200 починати.

„Благодарение на вакцинацијата спасени се од 500 до 550 животи. Но, од друга страна доколку целото население би било опфатено со вакцинацијата би починале околу 160 лица што би било намалување за 87 проценти, што по дефиниција претставува ефективноста на вакцините“, вели универзитетскиот професор Дејан Трајковски.

Кога во формулите ќе се стават процентите на вакцинирани и прележани, резултатот вели дека околу 65 проценти поседуваат извесен имунитет или 20 проценти помалку од оној што е потребен најефикасно да одговори на делта сојот. Вели, сè уште има голем простор за прележување.

„Особено што со текот на времето имунитетот од заразување опаѓа, исто така се намалува и ефективноста на вакцините, така да ќе има големи бројки есенва. Меѓутоа да не се разочараме, тоа што ефективноста на вакцините опаѓа, не значи дека опаѓа и против смртен случај, напротив ефектот останува на околу 87 проценти“, вели професорот Трајковски.

Стравува од евентуални нови мутации. Доколку остане вака, очекува до крајот на ноември да се достигне критичниот праг и да се премини на спорадично заразување со далеку послаб интензитет.

Стевче Митревски